Првата авторизирана биографија на легендарниот фудбалер Дарко Панчев ќе биде промовирана на 25 септември од 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ во трговскиот центар „Дајмонд“ во Скопје. Автор на книгата е доајенот на спортското новинарство Зоран Михајлов и е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина-публикации“.
Промотори ќе бидат проф. д-р Љубомир Кекеновски и поранешниот соиграч на Панчев, Васил Рингов.
Михајлов во книгата открива познати и помалку познати случувања, факти и анегдоти за Панчев на и надвор од зелениот терен, проследено со 40 фотографии од приватната архива на Панчев.
„Оваа биографија буквално ќе ја долови кариерата на нашиот најдобар фудбалер. Колку тој беше ценет и почитуван од своите колеги, а и од легендите во другите спортови, ќе имате можност да прочитате низ овие редови, што ќе останат како документ за една знаменита македонска личност“, вели Михајлов, за кого ова е трета книга, по „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ и монографијата за борачот Шабан Сејдиу.