Легендарниот германски режисер Вим Вендерс е годинешниот добитник на наградата на Меѓународната федерација на филмски архиви (ФИАФ). Наградата му беше врачена за време на 7. Маратон на класични филмови во Будимпешта, на церемонијата во историското кино Уранија, една од најспектакуларните киносали во светот.
Домаќин на фестивалот и на церемонијата е Националниот филмски институт – Филмски архив на Унгарија, а оваа значајна награда досега ја добиле давесетина значајни филмски творци, меѓу кои и Мартин Скорсезе, Мајк Ли, Лив Улман, Кристофер Нолан, Гилјермо дел Торо, Тилда Свинтон.
Вендерс во 2012 заедно со сопругата Доната ја формираше Фондацијата Вим Вендерс, која го собира неговото филмско, фотографско и сценаристичко дело за да биде постојано достапно за јавноста. Фондацијата овозможува и грантови за едукација и поддршка на млади таленти во полето на иновативното филмско раскажување. Вендерс е и еден од основачите на Европската филмска академија (ЕФА) со која претседаваше од 1996 до 2020.
Наградата на ФИАФ ја доби особено поради неговиот голем ангажман за заштита, реставрација и дистрибуција на неговиот опус. Примајќи ја наградата, Вендерс истакна дека секој филмски автор мора да одвои време за да ја зачува целата документација за продукцијата на својот филм, да знае каде се негативите и да се погрижи за реставрација и заштита на делото.
„Сакам да се заблагодарам на ФИАФ за оваа голема чест. И ова не го нарекувам само ‘чест’ како рутина. Немаше да застанам пред вас како филмаџија кој што сум, да не го откриев филмот како сеопфатна форма на уметност – на екранот во филмскиот архив. Со текот на годините поминав многу време во Француската кинотека во Париз и во други слични институции во Беркли, Берлин, Токио и други делови од светот, и секој пат го имав истото чувство дека сум внатре во Ноевата арка. Токму во овие архиви се чува огромното богатство од 20 век што го нарекуваме фиом и се пренесува на идните генерации. Со повеќе од седум децении традиција и искуство, ФИАФ и нејзините членови се вистинските луѓе и институции на кои им го доверуваме нашето филмско наследство“, рече Вендерс.
Почесен гостин на годинашното издание на Маратонот на класични филмови во Будимпешта беше легендарниот грчко-француски режисер и оскаровец Коста Гаврас, со чија класика „Музика кутија“ беше отворен фестивалот. 91-годишниот Гаврас беше и гостин на тркалезната маса за филмското наследство во 21. век во разговорот со директорот на Француската кинотека Фредерик Боно.
Главен настан на Маратонот годинава е обележувањето на 110-годишнината од унгарската анимација, со бројни премиери на реставрирани дела, а за првпат пред секој филм од другите програми се прикажуваше и анимирана селекција од оваа славна продукција.
Плоштадот Шент Иштван, една од најатрактивните локации во Будимпешта, за фестивалот се претвора во огромно кино на отворено, со бесплатни проекции на класични хитови – меѓу кои и „Коса“ на Милош Форман и „Буена виста соушал клаб“ на Вендерс – на екран поставен пред големата Базилика.
Маратонот е домаќин и на конференцијата Будимпештанска лабораторија на класици, каде филмски експерти од целиот свет презентираат поглавја од филмската историја и најновите архивски откритија. Една од темите годинава беше и претставувањето на холокаустот во филмот.
Во рамки на фестивалот, годинава се одржа и Годишното собрание на Меѓународната федерација на филмските критичари – ФИПРЕСЦИ.
Унгарскиот филмски архив, основан во 1957, работи како јавна збирка од 1992. Главни задачи на Архивот се заштита, конзервација, истражување, реставрација и објавување на националното филмско наследство и целата поврзана документација. Како оддел на Националниот институт за филм, Филмскиот архив врши домашна и меѓународна дистрибуција на националните филмски добра и нивно искористување во јавното образование. Покрај континуираниот развој, обезбедува и највисок можен стандард на зачувување, континуирана дигитализација и реставрација на збирката.
Покрај зачувувањето на играните филмови, Филмскиот архив задолжен и за сеопфатна збирка од филмски новости, документарни филмови, реклами, едукативни, научни, репортажни, пропагандни и аматерски филмови генерирани во текот на унгарската филмска историја. Најважната цел на истражувањето спроведено од институцијата е во националната колекција да ги вклучи сите унгарски филмски материјали создадени вон телевизиската продукција. Архивот има и значајна специјализирана библиотека и збирка со документација поврзана со специфични филмски продукции, во која се сите оригинални документи кои произлегуваат при филмската продукција и дистрибуција.
М. КОСТОВА
Фото: Унгарската режисерка Илдико Енједи на церемонијата говореше за Вендерс. (Фото: БФКМ)