ВО ПЛОВДИВ ПРЕМИЕРНО СЕ ИЗВЕДЕ КОПРОДУКЦИЈАТА СО ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР „БЕЗ КРВ“, ВО СКОПЈЕ ДОАЃА НА МОТ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Драмскиот театар во Пловдив премиерно беше изведена ретставата „Без крв“ која е копродукција со Велешкиот театар. Режисерка е Диана Добрева, а работена е по романот на Алесандро Барико.

Бесмртната љубовна приказна на Барико раскажува за одмаздата и завршува со простување. Тројца мажи, две деца и татко, се заклучени во лавиринтот на граѓанска војна.

„Како да се раскине маѓепсаниот круг на одмаздата е прашањето на претставата, која го наоѓа одговорот: само љубовта може ненадејно и милосрдно да ги затвори раните“, велат од Велешки театар.

Фото: Велешки театар

Од Велешки театар играат актерите Васил Зафирчев, Исидор Јовановски, Филип Христовски, Кети Борисовска. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Раде Василев и Елена Вангеловска, композитори се Јавор Карагитлиев и Сашко Костов, кој ја изведува музиката во живо, а кореографијата е на Олга Панго.

Продукцијата е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ на Драмски театар од Пловдив и Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес.

Македонската публика ќе има можност да ја види претставата на 20 ноември, кога е на програмата на Млад отворен театар (МОТ) во Скопје. Иако финансирана од годишната програма на Министерството за култура, претставата во догледно време нема да може да се изведе на сцената на матичниот театар во Велес.

П. ПЕЧКОВ

Фото: Велешки театар