НЕМАМ ФОРМУЛА ЗА ДОБРА ПРЕТСТАВА, САКАМ ЕМОТИВНО ДА ДОПРАМ ДО ПУБЛИКАТА, ВЕЛИ МАРТИН МИРЧЕВСКИ ЗА ПРЕМИЕРАТА НА „РИЧАРД ТРЕТИ“

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Актерот од Народниот театар во Битола, Мартин Мирчевски, третпат ќе се претстави пред публиката преку негова режија, овојпат со претставата „Ричард Трети“ од Шекспир. Претходно ги режираше „Ревизор“ и „Готвејќи го Шекспир’’. Претставата е негов проект и беше финансиски поддржана од Министерството за култура со 102.765 денари. За да може да се реализира според замислата со девет актери на сцена, мораше да се направи во копродукција со Битолскиот театар. Премиерата е денеска (25 октомври) во 20 часот во Народниот театар.

„Идејата се роди уште пред 12 години, кога ја игравме претставата ‘Хенри Шести’, во режија на Џон Блондел, во Глоуб театарот во Лондон. Созреваше со години, имав повеќе верзии и на крај, решив да ја реализирам. Добив некакви пари од Министерството за култура, 102.765 денари. Дали се доволно? Ова прашање треба да биде реторичко, не треба ни да одговорам. Претходната министерка за култура заедно со уважениот тим на експерти одлучи дека едно вакво дело со сите актери и целата логистика треба да се поддржи со толку пари, колку-толку. Нам не ни беа императив парите. Се собравме и си рековме: ‘Ќе работиме колку и да даваат или не даваат’. Безрезервно влезе целиот тим на Народниот театар“, рече Мирчевски.

Претставата не се однесува на Лондон и кралските семејства, туку е безвременска и не се задржува на еден простор, се однесува на сите држави, а во фокусот го има човечкиот идентитет.

„Јас не знам формула за добра претстава, туку имам потреба да изградам свет на сцената и во него да ги воведам гледачите. Нашите претстави треба да ја возбудуваат публиката, да ја вратат публиката, емотивно да ја допрeме“, рече Мирчевски.

Режисерот и игра во претставата, заедно со Илина Чоревска, Маја Андоновска-Илијевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Марија Стефановска, Александар Стефановски, Филип Мирчевски и Кристијан Танчевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски-Папаз, а помогна и Марија Пупучевска, битолчанка која работи во Националната опера и балет.

Ж. ЗДРАВКОВСКА