ОРКЕСТАРОТ И ЅВЕЗДИТЕ СЕ ВРАТИЈА НА МАКФЕСТ, СТАРИОТ ДИРЕКТОР ТРОИЦКИ ГО ПОФАЛИ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Оркестарот по долги години се врати на фестивалот Макфест, кој на 25. и на 26. октомври по 39. пат се одржа во Центарот на култура „Ацо Шопов“ во Штип.

Годинава, се вратија и некои макфестовски ѕвезди како Дарио по пауза од 26 години и Дани Димитровска по пет години. Таа кариерата ја започна токму на Макфест со песната „Само ти ми требаш“ во 1999. Дарио пак, го отвори првиот Макфест во 1986. Првата песна која е испеана на овој фестивал пред 39 години е „Старо купувам“ на Дарио и групата „Бон тон“.

„Испеав една многу убава песна. Ако музиката и песната не се тие што го отсликуваат пејачот како личност, тогаш подобро да не се занимаваш со музика“, рече Дани.

Елена Ристеска со композиторот Александар Масевски (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Елена Ристеска која дојде со сестра ѝ Драгица и со внуката Делфина како поддршка за првпат пее на фестивалот по 22 години кариера.

„Не сум со натпреварувачки дух и не ги сакам многу фестивалите, но годинава решив да дојдам за да ја промовирам новата песна. На Макфест сум била претходно како текстописец, но никогаш како пејач“, ни рече Ристеска.

Антониа Гиговска (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Иако годинава немаше награди, публиката го даде својот глас со аплаузите, на моќните вокали на Ивона Јо и Тамара Волческа, Симона Попоска, Дани, Елена Ристеска, Антониа Гиговска, Димитар Андоновски (фото) кој најпријатно изненади со сценскиот настап и модерната песна, а најголем аплуаз доби Дарио.

Иввона Јо (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Сценски, фестивалот изгледаше одлично, понуди главно добри песни и интересни гости водители како Ранко Петровиќ, Снеже Велков, комичарот Бокан Велевски. Водители беа Марјана Станојковска и Димитар  Атанасовски, а на пречекот на гостите пред салата Јана Бурческа. Освен оркестар, пејачите ги придружуваше и бенд со придружни вокали.

Водителката Марјана Станојковска со уметничкиот директор на фестивалот Роберт Саздов и со Јован Јованов, член на уметничкиот совет (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Најстариот директор на фестивалот, Стојан Троицки го по пофали фестивалот и рече дека ова е најдобро издание откако тој не е во тимот. Мило ми е што дојде да го гледа Макфест“, ни рече уметничкиот директор Роберт Саздов.

М. ЏАРОВСКА