КВИНСИ ЏОНС СЕ РАЗВЕДУВАШЕ ТРИПАТИ, ГО НАПРАВИ МАЈКЛ ЏЕКСОН ЅВЕЗДА И СЕ БОРЕШЕ ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО

САД, (Би-Би-Си)

Квинси Џонс живееше уште 50 години откако присуствуваше на сопствената комеморација.

Кога доживеал мозочен удар во 1974, неговите шанси за преживување биле толку мали, што неговите познати пријатели почнале да планираат концерт за оддавање почит.

Тогаш, на 41 година, Џонс веќе имал оставено неизбришлив белег во американската музика како пејач, аранжер, текстописец, продуцент, композитор и извршен директор. Започнал во џез клубовите во 1950-тите, настапувајќи со Дина Вашингтон, Френк Синатра и Лесли Гор и подоцна го создаде музичкото партнерство со Мајкл Џексон кое дефинираше ера, го надгледуваше снимањето на песната „Ние сме светот“ (We Are the World) од 1985 и работеше со најголемите имиња во хип-хопот. Малку музички стилови не биле под негово влијание.

Тој израснал во 1930-тите во Чикаго. Неговата мајка била однесена во психијатриска установа кога тој имал седум години, а татко му работел како столар кај озлогласените гангстери Џонс.

И младиот Квинси сакал да биде гангстер.

„Сакате да бидете она што го гледате и тоа беше сè што некогаш сме го виделе“, рече тој.

По доаѓањето во Вашингтон, младиот Квинси случајно една ноќ видел пијано.

Квинси Џонс со Дајана Рос и Мајкл Џексон (Фото: Гети)

„Го допрев и секоја клетка во моето тело рече: ‘Ова е она што ќе го правиш до крајот на животот‘“, изјави тој за Би-Би-Си радио во 2016.

Квинси веднаш почнал да експериментира со инструменти на училиште, се навлекол на трубата и почнал да свири во ноќни клубови. На 14 години се здружил со друг, тогаш непознат музичар, Реј Чарлс, кој станал негов доживотен соработник и пријател. Свирел и со Били Холидеј на 14 години и потоа станал член на биг бендот на Лајонел Хемптон, по што станал многу баран.

Во 1961 се вработил во „Меркјури рекордс“, станувајќи првиот црн извршен директор на голема издавачка куќа. Френк Синатра бил импресиониран од работата на Џонс и го повикал да аранжира и диригира два негови албума во 1960-тите. Двојката формираше плодно партнерство, при што Синатра го нарече „џин“ и „еден од најдобрите музичари кои некогаш сум ги познавал“.

Џонс видел квалитет на суперѕвезда во Мајкл Џексон и станал негов продуцент и ментор. Албумот „Трилер“ од 1982  достигна нови височини и го направи Џексон неприкосновен крал на попот.

Тој имаше понатамошен успех со неговите албуми „The Dude“ и „Back on the Block“. На вториот, издаден во 1989, собра ол-стар екипа, вклучувајќи многу пријатели од неговата рана кариера, како Ела Фицџералд, Мајлс Дејвис, Дизи Гилеспи и Реј Чарлс. Но, и покрај тоа што се навраќаше на своето минато, Џонс беше цврсто и во сегашноста, ангажирајќи рапери како Ајс-Ти и се обиде да го спречи насилството во светот на хип-хопот, свикувајќи симпозиум во 1995, каде што се обрати во просторија полна со рап ѕвезди.

„Во 1955 го запознав Мартин Лутер Кинг оттогаш, мојот живот никогаш не беше ист. Работата за граѓански права и политичкото вклучување повеќе не беа споредна активност. Станаа суштински дел од животот и хуманоста“, кажа Џонс.

Се женеше и разведе трипати, доживувајќи нервен слом по разделбата со третата сопруга Пеги Липтон. За да закрепне, отиде на пацифичкиот остров во сопственост на актерот Марлон Брандо, кого првпат го запознал во џез клуб на 18-годишна возраст. Џонс беше во врска и со актерката и модел Настасја Кински во 1990-тите, а доби вкупно седум деца.

Неговата смрт на 91 година го остави во жалост музичкиот свет. Ако треба да се одржи втор концерт во чест на Квинси Џонс, ѕвездите ќе чекаат во редици за да ги прослават сите достигнувања на еден единствен талент.