ДЕНИ БОЈЛ ПРИЗНА ДЕКА РАБОТИ НА НОВИОТ ЏЕЈМС БОНД

Њујорк, (АП)

Оскаровецот Дени Бојл изјави дека работи на сценариото за новиот филм за Џејмс Бонд.

Долго време се шпекулираше дека токму британскиот филмаџија е најголемиот фаворит да го режира 25. филм од славната акционо-шпионска франшиза. Тој додаде дека повторно соработува со Џон Хоџ и оваа двојка е заслужна за двата дела на „Треинспотинг“ и за „Плажа“ со Леонардо ДиКаприо.

„Моментално работиме на сценариото. Повеќе детали не можам да откријам, освен дека имаме одлична идеја“, изјави Бојл.

„Ем-Џи-Ем“, кој ги продуцираше сите филмови за Џејмс Бонд, не потврди дали тој ќе биде режисер на филмот, но самиот Бојл откри нешто за продукцијата.

„Се надеваме дека ќе почнеме со снимањето за шест-седум недели, за филмот да биде готов до крајот на годината“, додаде Бојл.

Претходните два филма ги режираше Сем Мендес, додека во главната улога повторно ќе биде Даниел Крег.