Осмото издание на Медиумскиот фестивал Скопје ќе се одржува од 26 до 28 ноември во мултимедијалниот простор „Котур“, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи ПИНА. Оваа година, фестивалот е посветен на локалното известување.
Фестивалот ќе започне со дискусија на тема „Моќта на локалните гласови и новинарството на локално ниво“, каде што ќе се разгледаат предизвиците и улогата на локалните медиумски работници и проблемите со кои тие се соочуваат.
Филмската програма ја отвораат документарците „За весникот” (фото) на добитничката на наградата Еми, Хедер Кортни и „Лош печат”, преку чии примери се отсликува судбината на безброј локални весници ширум светот.
Вториот фестивалски ден ќе се прикажат „Залутани тела” за принудниот т. н. медицински туризам во Европа и „Небото над Зеница” за погубното загадување во БиХ. Фестивалот го затвора „Промена на вестите” за дигитална платформа создадена како обид да се разбие едноличната машка доминација во редакциите во САД.
Влезот за сите настани е бесплатен.