ЧЕТИРИ ГОДИНИ СУМ ВО ХОЛАНДИЈА И ИМАМ СВОЈ ЦЕНТАР ЗА ОБУКА, 15 ГОДИНИ НЕ ЖИВЕАМ ОД МУЗИКА, ВЕЛИ ВЕРИЦА ПАНДИЛОВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачката Верица Пандиловска четири години живее во Утрехт во Холандија. Деновиве е во Скопје, а дојде специјално за да биде гостика на концертот на бендот „Рингтонс“, кој се одржа на 21 ноември.

„Со членовите на бендот не се познавав лично, ги знам од општа музичка култура и ги знам по тоа што пријатели често ми пуштаа видеа од нив како на настапите пеат мои песни. Соработката дојде сосема случајно. Ми се јави девојката која пее, Дина, и ми рече: ‘Верица, ти благодарам многу што ги сподели видеата каде што ги пееме твоите песни и дали ќе дојдеш да ни гостуваш на концертот кој го правиме по повод десет години од бендот? Сѐ ќе организираме, само да дојдеш‘“, ни рече Пандиловска на концертот.

Таа со радост ја прифатила поканата од помладите колеги, ги прилагодила обврските и допатувала во Скопје. Вели дека сега живее на релација Утрехт-Скопје и веќе 15 години е во сосема друг сектор кој не е поврзан со музиката.

Пандиловска како гостинка на концертот на „Рингтонс“ (Фото: Tonebandits)

„По професија сум брокер, инвестициски советник и не пеам професионално, не живеам од пеење. Имам свој тренинг-центар кој се вика ‘Верба’ (Faith), што е поврзано со моето име, Вера или Верица. Се занимавам со обуки за комуникациски вештини за фирми и компании во воспитно-образовниот кадар“, вели Пандиловска.

Ѝ недостасуваат луѓето и атмосферата од Македонија, но иако доаѓа често во Скопје, вели дека градот е многу променет.

„Музичкиот живот и сцената од тоа време и од ова време се сосема други и разбирливо е дека трендовите и луѓето се менуваат. Но, ми недостасуваат оние стари забави, одиме прво во кафуле, па во диско и пеeме поп-рок, некоја друга музика која сега е ретка. А, ‘Ринггтонс’ ги сакаат токму затоа што негуваат ваков стил на музика“, смета Пандиловска.

Таа вели дека ѝ е жал што нејзиниот сопруг Звонко Гичев поради работни обврски не успеал да дојде со неа во Скопје.

М. ЏАРОВСКА