„Сите деца се исти“, рекоа кантавторката Мијата и Денис Јанкуловски-Космонаутко од Центарот за јавно здравје, на промоцијата на инклузивната песна „Гуш и бац“ вчера (7 декември) во Кинотеката. Песната беше промовирана на фестивалот „Златно славејче“ во ноември.
„Ова е трета песна посветена на децата со атипичен развој, за зголемување на свеста, за почитување и инклузија, прва песна во соработка со Мијата и Весна Малинова која ги напиша овие прекрасни музика и текст“, рече Јанкуловски. Мијата, која е продуцент на проектот и главен вокал во песната, рече дека повикала млад пријател, Бојан Димитровски да го направи аранжманот.
„Од дете сум Славејче. Во прво, второ и трето одделение пеев во хорот. Никогаш не добив солистичка песна зашто секогаш ми засипнуваше гласот. Сега, големата Јас ѝ кажа на малата Јас дека требаше да се случи вистинска песна со вистинската порака за да дојдеме на нашата сцена, ‘славејска’. И големо благодарам до Боби од ‘Златно славејче’ што ја поддржа нашата визија да направиме инклузивна химна. Песните од ‘Златно славејче’ не бираат дали ги слушаат децата со типичен, атипичен или било каков развој. Музиката е музика. Сакавме и ние да направиме придонес во целата таа приказна, а ‘Гуш и бац’ е токму тоа“, рече Мијата.
Денис Јанкуловски, кој е инаку претседател на здружението „Аутизам ААМК“ рече дека интересен моментот кога Мијата му рекла дека и тој ќе пее на „Златно славејче“.
„Сте сме слушнале ли како пеам? Моето пеење е друго, нивното друго. Но, мојата сестричка Мијата ми ја исполни желбата да бидам на сцената на Златно славејче, која од дете ја имам“, рече Јанкуловски.
Во снимањето учествуваа и Стефан Маневски (гитара) и Горан Димитровски (бас), а придружни вокали пеат Димитар Иваноски, Мила Крстевска, Стефан Маневски, Никита Крстевска, Дамјан Иваноски, Лина Маневска и хорот на „Златно славејче“. Миксот и мастерингот се на Бојан Димитровски и Валентино Скендеровски, аудиоинженер е Ивица Јанкуловски од студиото „Алшар“, а спотот е во продукција на „Мунлајт“.
По промоцијата на спотот, сите деца излегоа на сцената со Мијата и Денис, и затоа ја испејаа инклузивната химна.
М. ЏАРОВСКА