Актерот Џејми Фокс конечно прозборе за своите здравствени проблеми што го погодија во април 2023 и досега ги држеше деталите во тајност. Во специјална емисија на „Нетфликс“, 56-годишниот Фокс емотивно раскажа како неговата сестра му рекла дека се плашеле дека би можеле да го изгубат.
Фокс ја снимал комедијата „Назад во акција“ со Камерон Дијаз, кога почнал да чувствува ужасна главоболка.
„Пријатели ми кажаа да одам на лекар, кој ми даде инјекција кортизон и ме прати дома, но сестра ми Дидра знаеше дека нешто не е во ред“, кажа Фокс.
Фокс колабирал во болницата во Атланта каде што го одвела сестра му, каде што дознала дека тој имал крвавење во мозокот, што довело до мозочен удар.
„Ќе умрев ако не ме оперирале најбрзо што може. Дидра клечела пред операционата сала и цело време се молела“, кажа Фокс.
Тој откри дека моментите кога бил во несвест биле многу мирни.
„Беше чудно мирно. Видов тунел, но не видов светлина. Бев во тој тунел, во кој беше жешко“.
Фокс кажа дека се разбудил во мај и не му било јасно зошто е во инвалидска количка.
„Не се сеќавам на 20 дена од мојот живот. Лекарите ми кажаа дека целосно ќе заздравам, но дека тоа ќе биде најлошата година во мојот живот“, рече Фокс.
(Фото: Нетфликс)