НА АРХИТЕКТОНСКИОТ ФАКУЛТЕТ ЌЕ СЕ ОТВОРИ ИЗЛОЖБАТА „ФАБ ЛАБ: ПРИРОДНО ОСВЕТЛЕНИ ФАБРИКИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Утре (17 декември) во 19 часот, во галеријата на Архитектонскиот факултет во Скопје ќе се отвори архитектонската изложба „ФАБ ЛАБ: Природно осветлени фабрики“, која ги претставува резултатите од истоимениот научно-истражувачки проект на Горан Мицковски, вонреден професор на Катедрата за индустриски и стопански згради на Факултетот.

Проектот опфаќа истражување на 46 фабрички објекти изградени во Македонија во втората половина на 20. век.

„Овој период од 150-годишната историја на индустриската архитектура во Македонија е особено важен и вреден за истражување поради интензивната изградба на индустриски објекти и изразеното влијание на индустријата врз просторниот развој на градовите“, вели Мицковски.

Изложбата прикажува 20 објекти опфатени со истражувањето, кои соодветно на архитектонските елементи кои се користат за осветлување се поделени во четири групи.

Изложбата ќе трае до 25 декември и може да се посети од 9 до 18 часот.