„Сони“ објави трејлер за „Карате кид: Легенди“, ново поглавје во серијалот за боречки вештини, што доаѓа во киносалите на 30 мај. Ова продолжение ги обединува Ралф Мачио, кој го глумеше Даниел ЛаРусо во оригиналниот филм од 1984 и Џеки Чен, кој го играше Хан во римејкот од 2010. Двајцата сега имаат нов ученик – Ли Фонг (Бен Ванг).
Ванг беше откриен откако Мачио и Чен објавија светска потрага по актер кој ќе го игра Ли Фонг, а на аудицијата се пријавиле илјадници млади луѓе. Младиот кинески глумец бил избран поради неговите познавања на различни боречки вештини, како карате, теквондо, кунг-фу и гумдо.
Дејството на филмот го следи Ли Фонг, кој по семејна трагедија се сели со мајка му од Пекинг во Њујорк. Кога на неговиот нов пријател ќе му затреба помош, Ли се пријавува на натпреварување во карате, но пред тоа мора да ги усоврши своите вештини.
(Фото: Сони)