Новата рубрика „Сакам да вежбам“ стартува на СМАРТ.СДК.МК веднаш по новогодишните и божиќните празници. Специјално за „Сакам да вежбам“, професионалните фитнес тренери Ангела Андоновска и Иван Крстевски подготвија триесетина вежби, од кои повеќето можат да се изведуваат и дома.
Иван (25) е професионален спортист, дипломец на Факултетот за физичка култура, а покрај тоа што е професионален фитнес тренер во скопскиот хотел „Парк“, тој е и тренер по тaеквондо. На Ангела (30) вежбањето ѝ е хоби, а работи финансии во компанија за логистика.
View this post on Instagram
„Вежбањето е многу е важно и за да се исфрли стресот, секако и за добар изглед“, вели Ангела, која вежба три-четири пати неделно, веќе 11 години.
Таа вели дека од вежбањето може да има само голема корист, особено ако денот се минува во канцелариска работа пред компјутер.
„Еден саат во денот поминат во вежбање значи многу“, вели Ангела.
Иван, кому животот му е посветен на спортот, вели дека и одењето во теретана може да биде забавно како одењето во кафуле.
„И таму може да се дружите и да си направите муабет со другите вежбачи“, вели Иван.
Вежбањето не е само за млади, туку и за повозрасни. Според студијата објавена во списанието на Американскиот колеџ за кардиологија во април годинава, вежбањето е поврзано со намалување на сигналите за стрес во мозокот, што доведува до намален ризик од кардиоваскуларни болести. Истражувачите анализирале податоци на повеќе од 50.000 луѓе на 60-годишна возраст. Исто така, умерената физичка активност ја подобрува функцијата на имунолошкиот систем и го намалува ризикот од болести, со подобрување на циркулацијата на имуните клетки во телото и го зголемува протокот на крв во мозокот, што може да ја подобри когнитивната функција, меморијата и концентрацијата.
„Вежбај!“, одговара Иван на прашањето: „Како да се натерам да вежбам?“
„Еден час дневно, два-три пати во неделата е ништо, ако добро си го испланираш времетo не мора да се откажуваш од секојдневната рутина. Само треба да си го наместиш часовникот во главата, да не те фати мрза. Ем ќе се раздвижиш, ем ќе имаш повеќе енергија за остатокот на денот, а и поубаво се спие. А и забавно е“, вели Иван и додава дека да се вежба со личен тренер не е мода, туку помага правилно да се изведуваат вежбите, фокусот е поголем, а и мотивацијата.
Вежбите со Иван и Ангела ги снимавме во почетокот на декември во фитнес центарот на хотел „Парк“, а Иван уште ги носеше мустаќите што традиционално ги негува секој ноември за месецот на машкото здравје.
Вежбите од проектот „Сакам да вежбам“ ќе ги објавуваме по новогодишните и божиќните празници на СМАРТ.СДК.МК и на нашите официјални Фејсбук, Инстаграм и Тикток профили, како и на Јутјуб каналот на СДК.МК.
А. АНТЕВСКА