Режисерот Љупчо Ѓоргиевски во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ја работи претставата „Пиреј“, според романот на Петре М. Андреевски.
„Пиреј“ првпат во драмска форма е изведен во 1982 година во Битолскиот театар, во режија на Владимир Милчин, што значи по повеќе од 35 години се става на сцена, овојпат во Прилеп.
„За жал, Петре М. Андреевски не сум го работел досега, но, за среќа, во моите зрели години се навраќам на него. Секогаш има повод да се поставува Андреевски. Тој е голема инспирација и за мене како режисер и за сите соработници, но и за актерскиот ансамбл. Велам голема инспирација, затоа што Петре навлегува длабоко во судбината на овој народ, длабоко продира во неговата душа. Претставата ‘Пиреј’ ќе биде претстава за човекот, расцепот на овие простори, за растргнатоста на народот, бидејќи мене ме интересира субината на човекот од крв и месо“, вели режисерот.
Играат речиси целиот ансамбл на театарот, неколкумина пензионери, млади актери и гости. Сценографијата ја работи Валентин Светозарев, костимите Андреј Ѓоргиевски, а музиката е на Димитар Андонов.
Премиерата се најавува кон крајот на април.