На 8 април од 20.30 часот во Македонскиот народен театар ќе се одржи шоуто „Глумците пеат“ со околу 25 точки со различна приказна. Ова е трето возобновено издание на популарната манифестација која ја направи актерот Марин Бабиќ, кој почина во октомври 2022 по кусо боледување, а неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ ја организираат во негова чест. Во 2023, „Глумците“ се вратија на сцената по 17 години пауза.
„Оваа година публиката може да очекува околу 25 извонредни точки, секоја од нив носи своја приказна и енергија, но сите се поврзани со заедничка, филмска тема. Годинашната инспирација доаѓа од еден извонреден филм, но деталите ќе ги оставиме за периодот што следи. ‘Глумците пеат’ е можеби единствената независна продукција од ваков обем, бидејќи се почнува од нула, од празен лист хартија и сѐ се создава од почеток. Се осмислува тема, се пишува сценарио, се пишуваат аранжмани за секоја песна, се одбираат актерите и сите останати соработници. Идејата за темата, изборот на музиката и актерите секогаш се раѓаат на нашите инспиративни и креативни дружења. Тимот со кој работиме секоја година внесува нова енергија и гледа на работите од свежа перспектива. Овие средби се вистинска можност за создавање нешто уникатно и возбудливо“, ни рече Маја Бабиќ, организаторка на настани и продуцентка.
Режисер на шоуто и годинава е Дејан Пројковски, а диригент на биг бендот кој ќе свири е Љупчо Мирковски. Новите аранжмани на песните се на Бобан Мирковски, а кореографијата на Олга Панго.
Маја Бабиќ со гордост се сеќава на почетоците на шоуто и на радоста со која го правел нејзиниот татко Марин Бабиќ. Како помлада, таа уживала гледајќи ја еуфоријата во нивниот дом додека се подготвувал за секое ново издание.
„Почетоците на ‘Глумците пеат’ ќе ги паметам по чистата еуфорија и радост, но и тремата зад сцената. На почетокот ми беше само многу забавно, бидејќи тоа беше уште еден проект на Марин. Потоа, како поминуваа годините, сфативме дека ова шоу има нешто магично – спојот на музиката и театарот, енергијата и посветеноста на глумците и на публиката, која ни беше ветер во грб. Сето тоа ги надмина сите наши очекувања. Секако, ми останува во сеќавање и мноштвото проби и подготовки кои беа истовремено и стресни и многу креативни. Останува носталгијата по Универзална сала, иако и тогаш како и сега, се бараше билет повеќе за секоја изведба. Тие први, почетни години, всушност, беа темел на една приказна што имаме привилегија да ја раскажуваме и денес со секое ново издание“, се сеќава Бабиќ.
Лани темата на „Глумците пеат“ беше Евровизија и поради големиот интерес на публиката се одржаа две претстави во Операта, а потоа и во Битола и во Маврово.
„Имам инсајдерски информации дека Универзална ќе биде готова до 2131, тамам пред Македонија да биде домаќин на Евровизија во 2134“, рече на шега актерот Горан Ников лани, кој го водеше шоуто заедно со новинарката Миланка Рашиќ.
Се погоди десет дена по шоуто, на 9 април, да избие пожар во Универзалната сала и целосно да изгори. Билетите за „Глумците пеат“ се продаваат онлајн на mnt.mk.