Брус Вилис за првпат јавно се појави откако му е дијагностицирана фронтотемпорална деменција, за да им се заблагодари на службите што се борат со шумските пожари во Лос Анџелес.
Во објавата на неговата сопруга Ема Хеминг Вилис на Инстаграм, актерот може да се види како се ракува со полицаец од Лос Анџелес и се фотографира.
„Брус не пропушти шанса да ја покаже својата благодарност со срдечно ракување“, рече сопругата на Вилис.
Ова е првпат Вилис да биде забележан во јавноста од 2022, откако неговото семејство објави дека на актерот првично му е дијагностицирана афазија (нарушување на говорот) и поради тоа ќе се повлече од глумата. Во 2023, семејството Вилис рече дека Брус добил поконкретна дијагноза , фронтотемпорална деменција.
Според Здружението за Алцхајмерова болест, фронтотемпоралната деменција е предизвикана од „група нарушувања кои постепено го оштетуваат фронталниот и темпоралниот лобус на мозокот“. Овие штети предизвикуваат промени во размислувањето и однесувањето. Симптомите може да вклучуваат невообичаено однесување, емоционални проблеми, проблеми со комуникацијата и тешкотии со одење.
„Иако ова е болно, олеснување е конечно да се има јасна дијагноза“, објави семејството на Вилис во тоа време.
Сопругата на актерот, Хеминг Вилис во 2023 кажа дека е тешко да се знае дали Брус Вилис ја разбрал неговата дијагноза.
Фото: АП