ЏЕЗЕРИТЕ ЈА ОЖИВЕАЈА НАЈУБАВАТА МУЗИКА НА КВИНСИ ЏОНС НА КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Позначајниот опус на легендарниот музичар Квинси Џонс го отсвире Националниот џез оркестар на концертот наречен „Џез лектира: Quintessence by Quincy Jones“ кој се одржа сношти (24 јануари) во Филхармонијата.
Џезерите со овој концерт ја најавија новата концертна сезона за 2025 и ја оживеаја најубавата музика на Квинси Џонс. 
Диригентот Владимир Николов со трите дами на концертот: Калина Велковска (лево), Ана Петановска и Светлана Јовановска (Фото: К. Попов)
Предноста на овој концерт од претходните е што имаше шест солисти, врвни пејачи кои беа одличен избор за репертоарот кој го понудија. Музиката на Квинси Џонс ја испеаја Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ-Дексо, Сашо Гигов-Гиш и Џон Илија Апелгрен. Овојпат не диригираше редовниот диригент на оркестарот Џијан Емин, кој е во Луксембург и ќе диригира на концерт со тамошната Филхармонија. Диригираше маестро Владимир Николов.
Саксофонистот Кирил Кузманов со колегите од оркестарот (Фото: К.Попов)
Со голем ќеф, џезерите нѐ вратија во 1959 кога Квинси Џонс го издал првиот албум, а се свиреа и ексклузивни неиздадени аранжмани и негови аранжмани за Френк Синатра и оркестарот на Каунт Бејси, како и негова поп музика.
Квинси Џонс израснал во 1930-тите во Чикаго. Започнал во џез клубовите во 1950-тите, настапувајќи со Дина Вашингтон, Френк Синатра и Лесли Гор. Подоцна го создаде музичкото партнерство со Мајкл Џексон.
Редовен солист на концертите на џезерите, Џон Илија Апелгрен (Фото: К.Попов)
Почнал да експериментира со инструменти на училиште, се навлекол на трубата и почнал да свири во ноќни клубови. На 14 години се здружил со друг, тогаш непознат музичар, Реј Чарлс, кој станал негов доживотен соработник и пријател. Свирел и со Били Холидеј на 14 години.
Џонс видел квалитет на суперѕвезда во Мајкл Џексон и станал негов продуцент и ментор. Албумот „Трилер“ од 1982  достигна нови височини и го направи Џексон неприкосновен крал на попот.
М. ЏАРОВСКА