Дваесет и четири години откако Рене Зелвегер првпат се појави во филмската адаптација на книжевниот бестселер на Хелен Филдинг „Дневникот на Бриџит Џонс“, таа се врати во четвртиот дел како симпатичен лик кој бара љубов. Во „Бриџит Џонс: Луда по него“, кој игра во скопското кино Синеплекс, таа повеќе не е безгрижна млада жена, туку вдовица во 50-ти години со две деца.
Личниот стил на Џонс со чудна, понекогаш неприкладна гардероба со кратки здолништа, блузи што откриваат деколте, панталони за повозрасни и долги шалови помогна нејзиниот лик да стане незаборавен дел од модната историја. Сепак, ова не беше намерата на костимографката Рејчел Флеминг. При креирањето на облеката за првиот филм од 2001, Флеминг се обиде да ѝ даде на Џонс прагматичен, до некаде разбушавен изглед со кој ќе се поврзат зафатените жени.
Одржувањето на чувството на автентичност беше од клучно значење за Моли Ема Роу, костимографката во новиот филм.
„Бриџит има убава облека и се труди максимално, но секогаш малку погрешно го сфаќа тоа. Секогаш има нешто утнато, без разлика дали тоа е дезен или комбинација на бои“, изјави таа за Си-Ен-Ен.
Бриџит стана препознатлива по костимот на Плејбој зајачица, што го носеше на забавата каде што речиси никој друг не беше маскиран или по долната облека со тигар принт кога трчаше по Марк Дарси на снегот.
„Овојпат, вакви непријатни ситуации не се појавуваат. Се обидовме да ја вратиме Бриџит во живот и да ѝ помогнеме да се движи низ нејзината тага“, рече Роу.
Гардеробата на Џонс, како и ликот, сега е повозрасна. Коктел фустаните се заменети со палта соодветни за работата, иако Роу задржа дел од старата Џонс со тоа што ја облече во мини здолниште. Исто така, има и суптилни, носталгични сеќавања од претходните филмови, како што е смарагдно зелениот фустан, кој Џонс во почетната сцена на новиот филм се мачи да го закопча без Дарси.
(Фото: Јуниверзал)