„К-15“ закажаа и трето шоу, на 18 мај во салата „Борис Трајковски“, по повод 30 години од првата емисија, откако се распродадоа двата на 16 и 17 мај.
Еден од нашите најангажирани режисери Синиша Евтимов ќе ги режира трите шоуа, а песните на „Дуо трио“ ќе се свират со оркестар од 30 музичари, со кој ќе диригира Џијан Емин. Тој прави оркестрации и нови аранжмани на песните, кои беа многу популарни во 1990-тите, а се актуелни и денес.
„Песните на ‘Дуо трио’ со толку голем оркестар звучат неверојатно богато и динамично. Умешноста на Синиша Евтимов како режисер ќе донесе нова димензија на шоуто и ќе ги збогати нашите настапи и се надевам, ќе создаде незаборавно доживување кај публиката“, ни рече Бранко Огњановски, познат како Миле Паника.
Огњановски, Васко Тодоров и Бубо Каров со ентузијазам се подготвуваат за средбата со публиката, со која ќе прослават 30 години од почетокот на култното комично шоу со Миле Паника, Тошо Малерот, Цацко Конопишки и другите популарни ликови.
„Подготовките за скечевите нѐ потсетуваат на најубавите времиња кога бевме во полна творечка кондиција. Денес, врвната сценска техника, осветлување и видеобимови овозможуваат да се комбинираат содржините на видео со жив настап, збогатени со оркестарот на Џијан, а сето тоа Синиша како режисер ќе го искомбинира на најдобар начин. Сепак, главен фокус ни е да се одржи оригиналноста и да се создаде свежина во скечевите, што не е лесна работа поради постоечките стандарди и очекувањата на публиката“, вели Огњановски.
И режисерот Евтимов вели дека од соработката со „К-15“ има големи очекувања.
„Соработката со ‘К-15’ не е поинаква од која било друга соработка помеѓу артисти, но лично, имам големи очекувања. Пред сѐ, за мене ова е голем предизвик, а со тоа и сериозна задача да одговорам на укажаната чест токму јас да го режирам овој настан. Станува збор за легенди со специфичен израз, сериозна палета на карактери и бескомпромисен хумор кој резонира застрашувачки свежо, иако е напишан пред децении. Се надевам на незаборавен настан за кој долго ќе се зборува. Целовечерно шоу со нивните најголеми хитови и внимателно селектирани, култни скечеви адаптирани за сцена е сигурен рецепт за возбудлива вечер и загарантирана инфламација на стомачните мускули“, ни рече Евтимов.

Тој е најактуелен со претставата „12“, која е голем хит во МНТ, а претставите до крајот на сезоната се продадоа на почетокот од 2025. Ги режира и „Госпоѓа министерка“ во Велешкиот театар, чија премиера е на 27 март и „Аматери“ во Театар Комедија. Евтимов е режисер и на хит-претставите „Мој термин“, „Вардарски пастуви“, „Стјуардеси“, „Ало, ало“, „Не се клади на Енглези“, „Сомнително лице“ и други.
„Појавата на ‘К-15’ беше силно позитивна. Низ хумор и високо ниво на сатира успеваа да го отсликаат социјално-општествениот живот. Критиката на системот беше присутна и со тоа серијалот беше уште поприфатлив и за најпребирливите. Се сеќавам во тоа време сите ги цитираа и уживаа во скечовите. Епизода не смееше да се пропушти“, вели диригентот Џијан Емин.
Тој има повеќе омилени скечеви од „К-15“, а еден му оставил најсилен печат.
„Многу скечеви ми се омилени, можеби нешто што ми останало како најсилен печат е скечот со ‘кичмата на брат му’. Го имам искористено неколкупати како лајтмотив за забава со моите деца. Секогаш успеваше“, додава Емин.
Диригентот со радост вели дека оркестрирањето на дел од најпознатите песни на „К-15“ е во процес.
„Можам да најавам дека ќе имаме голем оркестар на сцена, звукот ќе биде богат, со широка палета на звуци. ‘К 15’ е една од поубавите работи што ѝ се случиле на Македонија. Доказ дека сепак постои здрав разум“, ни рече Џијан Емин.

Тој е диригент во Националниот џез оркестар кој редовно одржува концерти во Скопје и низ Македонија со разновиден репертоар. На 25 јануари беше гостин-диригент на концертот на Филхармонијата на Луксембург.
М. ЏАРОВСКА