На 18 март во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје ќе се отвори изложба на Кристина Горовска. Кураторот Владимир Јанчевски вели дека Горовска се претставува со 23 слики.
„Уметноста е израз на надеж дека на крајот барем ќе живееме во нечие сеќавање. Токму оваа суштина на животот, нагонот тој да се зачува, ја прави уметноста непроценливо средство за навигација низ тешкотиите со кои се соочуваме“, вели Јанчевски и додава:
„Нејзиното дело е едноставно и длабоко, обележано со концизни композиции и чисти бои, движејќи се на границата меѓу фигурацијата и апстракцијата. Горовска во овие дела не прикажува само конструирани визуелни сцени, таа пренесува низи од проживеани искуства. Овие слики се кристализирани моменти кои го опфаќаат целиот спектар на човечкиот живот, како што откриваат и некои од насловите: несреќа, загуба, љубов, тага, осаменост, борба, себеиспитување и надеж“, вели Јанчевски.