Музичарот Гаро Тавитјан Јуниор влезе во најголемата светска дигитална енциклопедија на тапанари „Драмерворлд“ и неговите видеа се објавуваат на светскиот форум на „Драмерворлд“, која важи за најзначајната институција за тапанари. На истиот форум има видеа од Ринго Стар, Чарли Вотс, Ларс Улрих, Роџер Тејлор, Џон Бонам, Мет Сорум и многу други.
Македонскиот тапанар е заштитно лице на светски познатите компании за тапани „Зилџан“, „Вик Фирт“, „Сонор“ „Симпад“, „Дадарио“, „Ертом“ и „Томан Мјузик“. „Вик Фирт“ дури произведе персонализирани палки за Гаро со негов потпис, на кои се наоѓаат и македонско знаже и знакот на ритамот 7/8.
„Кога разбрав дека одлучиле да ме стават во најголемата светска листа на тапанари, бев навистина позитивно изненаден и почестен. Иако зад мене се скоро три децении активна работа, проекти, снимања и интернационални настапи, сепак, ваквото признание многу ми значи бидејќи на листата се најголемите светски тапанари, кои се идоли на неколку генерации во светот, како Били Кобем, Дејв Векл, Вини Колаиута, Ринго Стар од ‘Битлс’, Чарли Вотс од ‘Ролинг стоунс’, Роџер Тејлор од ‘Квин’, Нико МекБрејн од ‘Ајрон мејдн’, Ларс Улрих од ‘Металика’, Мет Сорум од ‘Ганс ен роузис’, Ијан Пејс од ‘Дип парпл’ и Џон Бонам од ‘Лед цепелин’. Не ми беше важно дека сум првиот кој постигна договор со осум од најлегендарните светски компании за тапани како заштитно лице и нивни артист за сите континенти, туку ми беше важно да отворам визии, идеи и пат и за други колеги и да се промовираат нашите земја и култура. Оваа светски најреномирана енциклопедија, како и другите институции, се предизвик кои ми помагаат да научам што повеќе можам за сите овие процеси и да осознавам нови светови и принципи на дејствување, во кои откривам висок степен на етика, почит и високо морални културолошки вредности. Уметноста веќе има свој јазик со невербални дијалекти и комуникациски вештини кои се базираат на необјаснивото со зборови и е поврзано со интуиција, длабоко поимување и чувствување“, ни рече Гаро Тавитјан.
Во изминативе 25 години, тој заедно со брат му Диран настапи во повеќе светски метрополи и имаа стотици концерти.
„Во соработка со светските компании направивме видеопрезентација на настапите со најголемите светски гитаристи, кои се и добитници на Греми, како Мајк Стерн и легендарниот саксофонист Ерик Мариентал“, додава Тавитјан.
Во ноември лани, „Тавитјан брадрс“ сними песна со легенди на ексју рокот. Во „Поле на чудата“ (Поље чудеса) се обеднија Срѓан Гојковиќ-Гиле од „Електрични оргазам“, Дарко Рундек од „Хаустор“, Давор Гобац од „Психомодо поп“ и Бодан Арсовски од „Леб и сол“. Продуцент на песната е Диран Тавитјан, а музичарите снимаа под името „Култ клуб“.
М. ЏАРОВСКА