„Макс“ го објави официјалниот трејлер за третата сезона на „И едноставно така“ (And Just Like That), која ќе почне да се емитува на 29 мај на оваа стриминг платформа.
Кога гледачите последен пат ја видоа Сара Џесика Паркер како Кери Бредшо во финалето на втората сезона, таа нарача коктел „космополитан“ на плажа во Грција. Таа одлучи да се откаже од својот познат стан во Апер Ист Сајд во Њујорк, во кој живееше во серијата „Сексот и градот“ и се врати во станот од првата сезона на „И едноставно така“, откако нејзиниот сопруг Биг (Крис Нот) почина. Пред да се пресели во Грамерси Парк, таа имаше последна вечера во станот со пријателите, откако се прости привремено со Ејдан (Џон Корбет), кој ја замоли да го чека пет години за да може да се грижи за своите деца дома во Вирџинија. Миранда (Синтија Никсон) доби нова работа, а Шарлот (Кристин Дејвис) реши да ѝ се врати на работата, бидејќи нејзините деца сега се посамостојни и се вработи во уметничка галерија.
Актерската екипа ќе изгледа малку поинаку во третата сезона. Карен Питман, која ја играше пријателката на Миранда, Нија Валас, ја напушти серијата поради претходно договорени обврски, а Сара Рамирез (Че Дијаз) замина поради лошите реакции на публиката за нејзиниот лик.
Во интервју за „Вараети“, продуцентот Мајкл Патрик Кинг рече дека му е забавно да ги гледа реакциите на гледачите.
„Тоа е најагресивната врска љубов-омраза. Сега ни се допаѓа! Сега повторно ја мразиме серијата. Сега пак ни се допаѓа! Тоа значи дека серијата е жива и мрда“, рече Кинг.
Ким Катрал како Саманта Џонс нема да се појави ниту во третата сезона.
(Фото: Јутјуб принтскрин)