Во Македонскиот народен театар (МНТ) почнаа пробите за претставата „Ангели во Америка (втор дел)“ од Тони Кушнер, во режија, превод и кореографија на Филип Петковски. Претставата се реализира како копродукциски проект помеѓу МНТ и Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“ од Скопје.
Во претставата играат Јордан Симонов, Тања Кочовска, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски, Стефан Спасов, Александар Стоименовски, Илин Јовановски и Нела Павловска.
„’Ангели во Америка’ е едно од најзначајните драмски дела на современиот американски театар, кое низ два дела ги прикажува животот, политиката и идентитетот во САД во 1980-тите, во времето на кризата со сида и конзервативниот политички подем. Преводот, адаптацијата и сценската поставка се очекува да понудат современо и релевантно читање на ова моќно дело во македонски контекст“, велат од МНТ.
Продуцент е Петар Антевски, сценограф е Мартин Манев, костимографка е Антонија Гугинска-Јорданоска.
Премиерата се очекува на крајот на мај.