ПРЕМИЕРА НА „Д (КАКО ДЕЗДЕМОНА)“ НА РИСИМКИН ВО ОПЕРА И БАЛЕТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (24 април) од 20 часот, на Деновите на македонски кореографи, кои се во организација на Националната опера и балет (НОБ), на Малата сцена премиерно ќе се изведе претставата „Д (како Дездемона)“ во кореографија на Рисима Рисимкин, која година одбележува 45 години уметничко творење. Претставата е во продукција на Скопје танцов театар

Настапуваат првенците на Скопје танцовиот театар Адријана Данчевска и Дејан Битровски, како и солистите Сара Димовска, Лука Ѓорѓиев, Давор Милев, Надја Луканова, Елена Терзиева и Ивона Маневска.

Музиката е на композиторот Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, сценскиот дизајн на Матеа Мијановиќ, а светло дизајнот на Милчо Александров.

Претставата е инспирирана од трагедијата на Вилијам Шекспир, „Отело“. По „Лејди Магбет“, ова е втора претстава која е базирана на женски лик од делата на Шекспир.

„Шекспир е мајстор на зборот и јас сум голем почитувач на неговото творештво. Посебно ме инспирира можноста тоа мајсторство од збор да го пренесам преку движење на сцената и да допрам до публиката со една поинаква, современа естетика“, вели Рисимкин.