Додека некои држави ги забрануваат телефоните во училиштата, во Естонија од учениците се бара да ги користат своите уреди на час, а од септември ќе учат и за вештачка интелигенција (ВИ).
Малата балтичка држава тивко го презеде приматот од Финска во Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) и на последното спроведено тестирање во 2022 беше прва во Европа во математика, наука и креативно размислување, а втора во читање.
Сега Естонија лансира национална иницијатива наречена AI Leap, која треба да ги опреми учениците и професорите со „првокласни алатки и вештини за вештачка интелигенција“. Моментално се преговара за лиценци со „ОпенАИ“, со што Естонија ќе стане полигон за тестирање на вештачката интелигенција во училиштата. Целта е да се обезбеди бесплатен пристап до најдобрите алатки за учење на ВИ за 58.000 ученици и 5.000 наставници до 2027 година, почнувајќи од 16 и 17-годишници овој септември.
Официјални лица велат дека ова ќе ја направи Естонија една од најпаметните нации во користењето на ВИ.
„Знам дека постојат скептицизам и претпазливост во повеќето европски земји во однос на екраните, мобилните телефони и технологијата. Во естонскиот случај, општеството генерално е многу поотворено и склоно кон користење дигитални алатки и услуги. Наставниците не се разликуваат“, вели Кристина Калас, министерката за образование и истражување на Естонија.
Таа вели дека нема забрани за мобилни телефони во училиштата во Естонија.
„Напротив, паметниот телефон се смета за дел од високо успешната политика за дигитално образование на Естонија. Не сум слушнала за никакви проблеми. Училиштата воспоставуваат правила, кои се следат на локално ниво. Ние користиме мобилни телефони за образовни цели. Ние не забрануваме. Дадовме упатства, особено во однос на помалите деца, помлади од 12 и 13 години, кога станува збор за тоа како треба да се користат или не треба да се користат мобилните телефони, но повеќето училишта сами го регулираа тоа“, додаде Калас.
Наместо да се спротивстави на новата технологија, Естонија ја прифати. Во 1997 имаше огромни инвестиции во компјутери и мрежна инфраструктура, кога сите училишта беа брзо поврзани на интернет. Сега паметните телефони и вештачката интелигенција се гледаат како следен чекор.
(Фото: Шатерсток)