ДРАГАН И РАТКО ДАУТОВСКИ ГО ОТВОРААТ 24. ОФФ-ФЕСТ, ГОДИНАВА НАСТАПУВААТ МУЗИЧАРИ ОД ЕВРОПА И АФРИКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со настапот на Драган и Ратко Даутовски во Националната опера и балет (20 часот), вечерва (5 мај) се отвора 24. издание на Офф-фест, кој ја слави музиката на светот.

Драган Даутовски е еден од најголемите промотори на традиционалната македонска музика во светот, кој во својата повеќедецениска кариера им се посветил главно на народните инструменти, како тамбура, гајда и кавал. Страста кон музиката ја пренесол на неговиот син Ратко, кој вечерва ќе го придружува на перкусии.

На истата сцена од 22 часот е настапот на италијанскиот фолк ансамбл „Канцониере Греканико Салентино“, кој одбележува 50 години постоење. Моментално составен од седуммина музичари кои свират на најразлични инструменти, овој ансамбл низ светот ги шири звуците на таранта, традиционална музика од јужна Италија.

Музичари од осум држави ќе настапат на 24. издание на Офф-фест, при што организаторите ја опишуваат програмата како најсилна во последните години. Концертите ќе се одржуваат до 8 јуни во Национална опера и балет и во Младински културен центар.