ДРАГАН ДАУТОВСКИ СО КОНЦЕРТ НА ЛОКАЛИТЕТОТ ВРБЈАНСКА ЧУКА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Музичарот и професор на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во Скопје Драган Даутовски ќе одржи концерт на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука, вечерва (23 август) во 18:30 часот. Концертот ќе биде пропратен со кратко предавање за оваа неолитска населба и нејзинината трансформација во антиката и средниот век.

Настанот е во организација на Центарот за истражување на предисторијата, Прилепскиот џез викенд и Завод и музеј – Прилеп, со што се финализираат овогодишните археолошки ископувања на локалитетот Врбјанска Чука.

Концертот е дел од традиционалните настани кои повеќе години се одржуваат на крајот од истражувањето на локалитетот Врбјанска Чука.

„На овој начин културното наследство повеќе се доближува до пошироката публика, но воедно на оваа неолитска населба ѝ се дава нов контекст претворајќи ја во интимен концертен амбиент. А за оваа пригода веројатно нема посоодветен музичар од Драган Даутовски, кој со своето маестрално музицирање на неолитската топчеста флејта, ќе нѐ пренесе во светот на предисторијата и на Врбјанска Чука ќе ѝ го вдахне животот што таму бил присутен пред 8. 000 години“, велат од Центарот.