ПРВИОТ КОНЦЕРТ ВО ВИЕНА МИ БЕШЕ ОСТВАРУВАЊЕ НА ГОЛЕМ СОН, ВЕЛИ ПИЈАНИСТОТ ДИНО ИМЕРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пијанистот Дино Имери oдржа успешен концерт во Виена, во концертната сала „Бехштајн Центрум“. Имери првпат настапи пред виенската публика, со „Голдберг варијации“ од Јохан Себастијан Бах.

„Иако дебитант во овој реномиран културен простор, Имери беше дочекан со ентузијазам и искрено воодушевување, како да настапува пред своја матична публика. Публиката возврати со долготрајни аплаузи, а уметникот им се заблагодари со изведба на ‘Прелудиум‘ и ‘Пајдушка’ од македонскиот композитор Живоин Глишиќ“, велат од тимот на Имери.

Концертот го организираше македонската амбасадата во Виена.

„Овој концерт го подготвував со огромна мотивација и љубов, знаејќи дека настапувам во градот на Моцарт, Бетовен и Брамс. Но, не можев ни да претпоставам дека ќе бидам пречекан со толку топлина и искрени аплаузи. За мене, ова беше остварување на еден голем сон, резултат на долгогодишна посветеност и труд“, рече Имери по концертот.

На отворањето се обрати македонскиот амбасадор во Виена, Освит Росоклија, кој го нарече Имери „бисер на македонската музичка култура“.