АЈРАНОТ Е ДОБАР ЗА ОСВЕЖУВАЊЕ ВО ЛЕТО, ВЕЛАТ НАУЧНИЦИТЕ

Анкара, (Си-Ен-Ен)

Во жешките летни денови и потрага по освежителни пијалоци, меѓу препораките на научниците е и турски освежителен пијалок стар илјада години, што можеби и не е светски познат. Станува збор за ајран, едноставна мешавина од свеж јогурт, вода и сол.

Можеби не одговара на сечиј вкус и не е соодветен за секого, но со векови е доста привлечен напиток во Турција, а денес се продава во различни форми низ Турција и неколку други земји.

„Пиењето ајран е важно средство за враќање на минералната рамнотежа изгубена преку потењето во текот на летото, поради неговата природна минерална содржина и присуството на додадена сол“, изјави за „Си-Ен-Ен“ професорот Барбарос Озер од Земјоделскиот факултет, Оддел за млечна технологија.

Тој вели дека пијалокот содржи вредни минерали и протеини.

„Друга изненадувачка придобивка се ефектите на пијалокот врз здравјето на дигестивниот систем и цревата. Ајранот игра клучна улога во одржувањето на рамнотежата на гастроинтестиналното здравје и цревната микрофлора“, вели Озер.

Се верува дека турските народи произведувале ајран најмалку еден милениум – што го прави околу 900 години постар од „Кока-Кола“.

Со сигурност може да се каже дека ајранот е производ на неопходност. Ферментираната храна и пијалоци како сирење, јогурт и ајран се совршени за долги патувања. Турските номади подготвувале ферментирани млечни производи за да ја прошират нивната употребливост, помагајќи им да ја надминат суровата клима на степите.

(Фото: Гети)