БЛИЗНАЧКИТЕ КОИ ЈА ГЛУМЕА ЕМА ВО „ПРИЈАТЕЛИ“ СЕГА ИМААТ 23 ГОДИНИ И СЕ ФАНОВИ НА СЕРИЈАТА

САД, (Пипл)

Атена и Александра Конли имале само шест месеци кога ја добиле улогата на Ема Гелер-Грин, ќерката на Рос Гелер (го игра Дејвид Швимер) и Рејчел Грин (Џенифер Анистон) во „Пријатели“.

„Пријателка на мајка ми била дел од клуб за близнаци и сите во овој клуб знаеле за оваа аудиција за серијата, што се одржувала локално“, вели Атена, додавајќи дека тие пораснале во Лонг Бич, Калифорнија, каде што холивудските аудиции беа чести.

„Претпоставувам дека таму имало еден куп близнаци, сите нè фотографирале, па нè однеле во другата соба. На излегување ни рекле: ‘Вие ја добивте улогата‘“, раскажа Атена Конли.

Атена и Александра сега имаат 23 години. Имаат снимено 10 епизоди од серијата додека биле бебиња.

„На крајот нè заменија затоа што премногу сум плачела“, вели Александра.
Снимањето, вели Атена, било еден ден во неделата, а на сет ги носеле мајка им и баба им. Нивната мајка им рекла дека сите членови на екипата биле многу фини и урнебесно смешни и цело време се шегувале.

„Не можеле да користат само едно бебе цело време поради законите за детски труд, па морале да нè заменат по деветтата сезона со нов пар близнаци“, кажа Атена.

Покрај Анистон и Швимер, во „Пријатели“ глумеа Кортни Кокс, Лиза Кудроу, Мет Лебланк и покојниот Метју Пери. Серијата се емитуваше од 1994 до 2004 година.

Близначките дипломирале во 2024 на Калифорнискиот политехнички универзитет. Атена сега живее во Денвер, каде што работи во компанија за финансиски услуги, а Александра живее во Лос Анџелес и го работи маркетингот за бренд за убавина. Неодамна, двете објавија видео на ТикТок во кое откриваат дека ја играле Ема во серијата. Видеото стана популарно, па дури и некои од нивните пријатели се изненадија.

Близначките пораснале танцувајќи и снимајќи реклами повремено, но не глумеле откако заврши „Пријатели“. И иако не останале во контакт со ниту еден од членовите на екипата, „Пријатели“ остануваат голем дел од нивните животи. И двете се сега големи фанови на серијата.

(Фото: Гети)