ОД МАЛ ЈА ПЕАМ СЕМЕЈНАТА ХИМНА „НЕ КАЖУВАЈ ЛИБЕ ДОБРА НОЌ“ ОД ДЕДО МИ НАСКО ЏОРЛЕВ, ЈА ПРЕПЕАВ ЗА ВУЈКО МИ ЗОРАН, ВЕЛИ ОГНЕН ЗДРАВКОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачот Огнен Здравковски ја преработи македонската народна песна „Не кажувај либе добра ноќ“, чиј автор е неговиот дедо, познатиот музичар Наско Џорлев од Струмица. Здравковски, кој е син на пејачката Софче Џорлева и вработен во хорот на Националната опера и балет, вели дека оваа песна му е најдрага, од сите кои ги напишал дедо му.

Песната му станала блиска додека ја пеела неговата мајка, и ја свирел вујко му, познатиот виолинист Зоран Џорлев, кој почина на 1 јануари во 2021 од корона вирус.

Софче Џорлева, мајката на Огнен Здравковски на настап со брат ѝ Ристо на тапани, Зоран Џорлев на виолина и татко им Наско Џорлев на хармоника (Фото: Приватна архива)

„Го паметам дедо ми дека беше човек со посебна и прекрасна енергија. За жал, бев мал кога почина. Имав 7 години и немав шанси да ги добијам најдобрите совети од него, но затоа сум среќен што го имав вујко ми и секако што ја имам мајка ми. Од мои најмали години години ја пеам, не ни паметам точно, но баш од мало дете, бидејќи таа песна ни е семејна химна. ‘Не кажувај либе’ ми буди најискрени и најубави емоции, ме потсетува на сите наши фамилијарни заеднички седенки од порано, ми буди носталгија. Кога ја снимав новата верзија во студио, се чувствував најпрекрасно, бидејќи како што кажав, таа е моја песна“, ни рече Здравковски

Претходно, ја пееја Петранка Костадинова, Васка Илиева, Кевсер Селимова и Ѓорѓи Желчевски, а нова верзија направија браќата Тавитјан со хрватската пејачка Нина Бадриќ.

Автор на новиот аранжман е Никола Мицевски, а песната е дел од второто продолжение на проектот „Македонијо, во срце те носиме“ на „Скендеровски продукција“.

Огнен Здравковски (Фото: „Скендеровски продукција“)

Здравковски вели дека од сите песни што ги има напишано дедо му: „Фато мори душманке“, „Во Струмица на улица“, „Кажи ле облаче бело“, „Не кажувај либе добра ноќ“ му е најблиска.

„Чест ми е што за неа е направена верзија која ја пеам јас. Ми буди убави спомени, посебно на мојот вујко, Зоран Џорлев, кој има создадено инструментална верзија. Драго ми е што ја отпеав и што ќе ја доближам до новите генерации“, вели пејачот.

 

М. ЏАРОВСКА