По Боб Дилан, ова е концерт за кој најмногу сум се борел да го реализирам, изјави сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошевски, пред настапот на легендарниот австралиски музичар Ник Кејв во Скопје. Концертот ќе се одржи на 22 август на стадионот на АРМ во Градски парк.
„Единствено што сум се борел олку крваво беше да го донесеме Боб Дилан во Македонија и тогаш со брат ми моравме да направиме некоја научна фантастика. Како мој современик кој го следам повеќе од 30 години, Ник Кејв, заедно со Боб Дилан, е убедливо нешто најзначајно во кариерата на ‘Авалон‘. Имало и поголеми концерти, но јас така приватно го доживувам“, рече Милошевски.
Ник Кејв не доаѓа со својот бенд „Бед сидс“, туку на сцената ќе биде придружуван само од басистот на „Редиохед“, Колин Гринвуд, што на концертот ќе му даде поинтимен амбиент.
„Без разлика дали настапуваше со ‘Бед сидс‘ или со Ворен Елис, ние оваа година ќе го донесевме Ник Кејв во Македонија. Се погоди оваа година да свири со Колин Гринвуд, таква му е програмата. Мене 90 отсто од неговите песни дури и повеќе ми се допаѓаат во ваква форма“, кажа Милошевски.
На прес-конференцијата, која повеќе наликуваше на мала трибина за Ник Кејв, беше кажано дека тој е еден од најголемите артисти на 20. и 21. век, на ниво на Боб Дилан и во Македонија доаѓа по сите поминати фази од кариерата.
„Иако е зад клавир, Ник Кејв физички се вложува себеси на овие концерти како да е со цел бенд и ја вика публиката да се доближи до бината. 99% од концертите на оваа турнеја се со седење, ама ние немавме соодветна сала за тоа. Тие дојдоа, го видоа просторот и рекоа дека на Ник повеќе ќе му се допадне вака со стоење. Од нивна страна нема никакви попуштања околу организацијата. Звук, светло, бина се исти во Париз, Лондон и Њујорк како во Скопје“, рече Милошевски.
Г. КОНЕВ
(Фото: Фејсбук)