ФЕСТИВАЛОТ НА ЕЛЕКТРОНСКА МУЗИКА „ГРИН БИЧ“ СЕ СЕЛИ ВО СТРУГА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фестивалот на електронска музика „Грин бич“ ова лето ќе се пресели на нова локација и за првпат ќе се одржи во Струга, објави организаторот „Пасворд продукција“.

Во изминатите осум години, фестивалот редовно се одржуваше во Охрид, но по минатогодишните организациски проблеми, беше најавено дека тој ќе добие нова локација, која повторно ќе биде на крајбрежјето на Охридското Езеро.

„Со поддршка од локалната самоуправа на Струга, градот и фестивалот добиваат нова, брендирана ‘Грин бич‘ плажа, што ќе се наоѓа во близина на хотелот ‘Еуротел‘. Таа ги гарантира сите високи организациски стандарди, неопходни за одржување на музички настан од ваков калибар“, соопшти „Пасворд продукција“.

Главна ѕвезда на годинашниот фестивал е руската техно-дива Нина Кравиц, која ќе го има својот премиерен настап во Македонија на 27 јули. Продажбата на билетите почнува утре на пладне, а за првите илјада купувачи тие ќе бидат по промотивна цена од 500 денари.