Во вечерта кога Скопје беше обвиткано во смрдеата од пожарот во Трубарево, во паркот зад Младински културен центар се одржа првото издание на метал фестивалот „Скопје фјури“ (Skopje Fury), во организација на „Терорвоид“.
Првиот обид да се направи ваков фестивал на отворено во Скопје помина добро од техничко-музички аспект. Посетеноста беше дискутабилна, во рамките на просекот за концертите на поголеми метал бендови во Скопје, но публиката е таа и не може да се очекува метал фестивал да ги привлече оние кои не ја слушаат оваа музика, макар и од љубопитност.
Со големо искуство во организирање концерти зад себе, „Терорвоид“ не потфрлија во главните елементи: импозантна бина на каква што би можеле да ѝ позавидат и некои фестивали со традиција, моќно озвучување, што особено дојде до израз на настапот на хедлајнерите „Hideous Divinity“ и уникатна урбана локација, во подножјето на масивната зграда на Македонската радио-телевизија.
Единствениот позначаен пропуст беше ужасно лошата проценка на потребното пиво, кое во еден момент го снема.

Програмата почна уште во 13 часот со диџеј сетовите на Каљо и Шизик, фронтмените на групите „Трендкил“ и „Скалкраш“, а фестивалскиот терен беше тестиран со настапот на младиот домашен металкор бенд „Карма скејл“. Многу повеќе енергија и жестина, и на бина и во публика, ослободија „Примитив дред“ и „Шок труперс“, на кои соодветно се надоврза грчкиот треш метал бенд „Bio-Cancer“, на чиј пејач му беше чудно како досега не свиреле во Македонија.
Гостите од Србија „The Stone“ малку ја спуштија атмосферата со својот недоволно убедлив настап, пред Италијанците „Hideous Divinity“ да демонстрираат техничка совршеност и бруталност во форма на модерен дет метал.
Ова беше зачеток на нешто што македонските метал фанови одамна го посакуваа. Се навикнавме „Терорвоид“ да организира по неколку концерти годишно, но оваа година одлучи сите карти да ги фрли на „Скопје фјури“. Останува да се види дали ќе прерасне во нешто повеќе.
Г. КОНЕВ