ЦРНОГОРСКИОТ СЛИКАР АЛДЕМАР ИБРАХИМОВИЌ ИЗЛОЖУВА ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Ликовниот салон во Велес отворена е изложба на дела од црногорскиот уметник Алдемар Ибрахимовиќ, кој работи и живее во Рожаје. Авторот пред велешани се претставува со 20 дела изработени во масло на платно, работени последните 10-ина години.

„Делата се мои доживувања, животни фрагменти. Насловена е ‘Урбани кулиси’ оти животот е театар, луѓето се пред тие кулиси. Тоа е мојата приказна, за животот и луѓето, низ слики“, рече авторот Ибрахимовиќ.

„Алдемар е уметник чиј творечки израз се движи помеѓу современото и класичното, со силен личен печат во истражувањето на бојата, формата и човековата емоција. Неговите дела ја носат моќта на интимната исповед, но и универзалноста на уметноста која го поврзува човекот со просторот и времето“, рече Ангел Коруновски, скулптор и директор на Велешкиот музеј, организатор на изложбата.

Ова е прва самостојна изложба на Ибрахимовиќ во Македонија, а во Велес има работено пред 20-ина години на сликарската колонија „Папрадишки мајстори“.

П. ПЕЧКОВ