Две книги од македонските писателки Билјана С. Црвенковска и Румена Бужаровска влегоа во регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ за 2025 година. Во седумте дела од овој финален избор влегоа и книгите „Приказни од Sунливото Море“, роман за деца и млади на Црвенковска (издание на „Чудна шума“) и „Тони“, роман на Бужаровска (издание на „Три“.).
„Штефица Цвек“ е некомпетитивен избор кој четврта година по ред ги обединува најзначајните дела од Балканот, создадени од феминистички, антифашистички, еколошки, антиколонијални и други левичарски перспективи. Досега презентиран во Белград, Загреб и Сараево, овој избор е препознаен како простор за афирмација на гласови што ги поместуваат границите на литературата и општествениот ангажман.
Оваа година за изборот „Шефица Цвек“ беа номинирани повеќе од 100 книжевни наслови објавени во текот на 2024 година на македонски или балканските јазици.
Во потесниот избор, покрај „Приказни од Sунливото Море“ на Црвенковска и „Тони“ на Бужаровска, влегоа и книгите: “Duž oštrog noža leti ptica” (Долж остриот нож лета птица) на Тања Ступар Трифуновиќ, “Kako se razbijaju tanjurići” (Како се кршат чиничињата) на Мак Маслаќ, “Prazne kuće” (Празни куќи) на Данка Ивановиќ, “Pupčana vrpca” (Папочна врвка) на Луција Тунковиќ и “Stolica bez naslona” (Стол без потпорка) на Данијела Репман.