Пет книги влегоа во потесниот избор на годинашниот конкурс за наградата „Браќа Миладиновци“, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата. Во финалниот избор се најдоа „Меко трње“ од Марија Ангеловска, „Во куќата“ од Николина Андова-Шопова, „Длабок простор“ од Зоран Анчевски, „Првата ноќ и вториот рај“ од Сузана В. Спасовска и „Болна земја“ од Братислав Ташковски. Жири-комисијата ги избра од вкупно 35 автори и 37 поетски книги.
Добитникот на наградата ќе биде објавен на 26 јуни во рамките на Струшките вечери на поезијата, а наградената книга, покрај парична награда, ќе добие и превод на англиски јазик, промоција и авторски портрет на следното фестивалско издание.
Годинашното, 65. издание на фестивалот ќе почне на 24 јуни со традиционалното засадување дрво во Паркот на поезијата од страна на добитничката на „Златен венец“, холандската поетеса Анеке Брасинга.