Повеќе производители на вино од регионот беа гости вчера (4 октомври) во Скопје по повод светскиот ден на виното „вранец“. Љубителите на виното пробуваа вина од повеќе винарии на настанот во Националната галерија на Македонија, заедно со локални специјалитети.
Претседателот на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски со говор на англиски и на македонски ги поздрави гостите и рече дека виното е како патување.

„Виното е како патување, а ‘вранец’ е дел од нашето богато наследство. Овие настани ги организираме за поддршка на младите луѓе и за нивните идни можности и напредок. Промените се околу нас цело време. Денес е ден за уживање“, рече Јаневски.

Елена Младеновска -Јеленковиќ, извршната директорка на здружението на винарии ,,Вина од Македонија” кажа дека брендот „вранец“ е нашиот „коњ за трка“ и додели награди на Виктор Ѓамовски, директорот на Земјоделскиот институт во Скопје и на Весна Мараш, професор на Биотехнолошкиот факултет во Подгорица, Црна Гора.
М. ЏАРОВСКА