Проектот за долгометражниот анимиран филм „Златната пеперутка“, базиран на ликовите од популарната анимирана серија „Светот на Биби“, ја освои престижната Награда за развој за извонреден анимациски проект на филмскиот и телевизиски пазар „МИА маркет 2025“ во Рим.
Наградата во вредност од 5.000 евра е добиена во силна меѓународна конкуренција, а ја додели стручно жири составено од истакнати професионалци од европската и светската анимациска сцена.
„Наградата на МИА за развој на најдобар анимациски проект ја добива ‘Златната пеперутка’ на Гоце Цветановски затоа што ја прикажува моќта на оригиналните брендови како ‘Светот на Биби’ да донесат свежи, регионално инспирирани приказни на светската анимациска сцена преку различни формати и како охрабрување за понатамошен развој на визуелниот и анимацискиот стил“, се вели во образложението на жирито.
„МИА маркет“ е еден од водечките европски настани за филм, телевизија, анимација и документаристика. Годинава, во рамките на 11. издание беа пријавени над 500 проекти, од кои беа селектирани по 15 во секоја од четирите категории: анимација, филм, драма и документарен филм. Во категоријата анимација учествуваа седум долгометражни филмови и девет серии.
„Ова е голем чекор и признание не само за нашиот проект, туку и за целата нова македонска анимациска сцена“, рече Гоце Цветановски, режисер и сценарист на „Златната пеперутка“, при примањето на наградата.
„Златната пеперутка“ е еколошка авантура за целото семејство. Биби, Боби, Зази, Зина и роботчето Р-1 патуваат во Колумбија кај нивниот пријател Пепе и неговото милениче, морското прасе Пико. Веселата дружина тргнува во потрага по ретката и мистериозна златна пеперутка, за која Пепе тврди дека ја видел во амазонската прашума. Нивната мисија ќе ги однесе до легендарниот златен град Ел Дорадо, каде ќе се соочат со бројни предизвици и ќе
мора да ги здружат своите сили за да ги совладаат темните сили што демнат во џунглата.
Сценаристи се Бруно Велјановски и Гоце Цветановски, режијата е на Цветановски, уметнички директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, а илустрациите за презентацијата ги изработи Иванчо Николовски.
Македонски продуценти се „Македонска крепост“, „Светот на Биби“ и „Тун моушнс студио“, во копродукција со „Блур студиос“ од Аргентина, „Блус рохо“ од Шпанија, „Д џи севн“ од Колумбија и „Техноскопс филмс“ од Бразил.