ШЕСТ ПРЕТСТАВИ НА 4. ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ФЕСТИВАЛ НА ДЕТСКИ ТЕАТРИ „ИГОР МАЏИРОВ“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од 15 до 18 октомври во Скопје ќе се одржува четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, под слоганот „Сцена за сечиј сон“. Селекторка е  режисерката Драгана Милошевски-Попова.

Фестивалот се отвора во Театарот за деца и младинци во 19 часот со „Франкенштајн“ на Кокан Младеновиќ, а на 16 октомври од 11 часот во Албанскиот театар игра „Играј со мене!“ на Андреј Бока, претстава на Детскиот театар од Суботица. Вечерта од 19:30 часот, на истата сцена е „Малата Фрида“ во продукција на Градскиот театар „Жар птица“ од Загреб. Претставата во режија на Аница Томиќ е приказна за детството на сликарката Фрида Кало.

На 17 октомври во ТДМ се „Свадби на животни и нешта“ (11 и 13 часот) на Георги и Раја Господинов на скопскиот Театар на сенки и облаци и „Прозорецот“ (19:30 часот) на Давид Зуазола од Темишвар, Романија.

„Како оздраве штурецот“ на Никола Завишиќ од Белград е визуелно богата претстава за детската тага и начинот на кој играта и хуморот стануваат јазик на самоисцелување и според програмата, таа ќе се изведе на 18 октомври во Театар Комедија од 12 часот. Фестивалот ќе заврши со „Сино“ на атинскиот „Хоп Сињор“ од 19:30 часот во ТДМ. Организаторот ја најавува како храбра, апсурдно-хумористична претстава што со свеж сценски јазик ги истражува конфликтите и стереотипите во секојдневието.

Сите претстави освен „Франкенштајн“ ќе се натпреваруваат за Гран при наградата за режија и за наградите за најдобри актер, актерка, костимографија и сценографија. Жирито го сочинуваат Игор Третињак (Хрватска), Изабела Новотни (ТДМ) и Јулијана Мирчевска (АСИТЕЖ), а детското жири ќе ја додели наградата за најдобра претстава според младата публика.

Фестивалот го организира Театар за деца и младинци во Скопје, со Совет во состав Владимир Лазовски (претседател), Игор Ивковиќ, Катарина Илиевска-Силјановска, Винета Дамческа-Мојаноска, Никола Наковски, Ангела Димитровска, Ирена Глигорова и Васил Галевски.

Фото: К. Попов