Меѓу две американски, на 44. Скопски џез фестивал е вметната специјална скандинавска вечер, која е на програмата денеска во Националната опера и балет.
Од 20 часот е концертот на норвешкиот квартет „Афтер д вајлдфајр“, именуван според делото што Јан Банг и Арве Хенриксен го напишаа специјално за Скопски џез фестивал, каде што имаше светска премиера во 2023. Со издавањето на албумот „После пожарот“ (After the Wildfire), Банг и Хенриксен се враќаат во Скопје во проширен состав, заедно со гитаристот Еивинд Арсет и перкусионистот Ингар Зак.
Од 22 часот настапува деветчлениот состав „Тропикес“, предводен од шведскиот трубач и композитор со хрватско потекло Горан Кајфеш (фото). Нивната музика се опишува како „хипно-џез“.
„Горан Кајфеш во 2011 состави група која на музиката ѝ пристапува минималистички, темелејќи ја на базичен грув, трпеливо и бавно развивање на формите, мелодиска импровизација и мантрични мотиви кои се протегаат низ електроакустични текстури“, стои во најавата на концертот.