БРЕНДАН ФРЕЈЗЕР И РЕЈЧЕЛ ВАЈС ЌЕ СЕ ОБЕДИНАТ ВО НОВ ФИЛМ „МУМИЈА“

Лос Анџелес, (Вараети)

Оскаровците Брендан Фрејзер и Рејчел Вајс ќе се обединат во нов филм од серијалот „Мумија“. Филмот ќе го режираат Мет Бетинели-Олпин и Тајлер Гилет, кои ја обновија хорор франшизата „Вресок“ во 2022.

„Мумија“ од 1999 со Фрејзер и Вајс беше голем хит во киносалите низ светот и беше следен од две продолженија во 2001 и 2008, од кои двајцата глумеа заедно само во првото. Обидот на „Јуниверзал“ да го обнови серијалот со Том Круз во 2017 беше неуспешен.

Откако се повлече од Холивуд од лични причини, Фрејзер направи голем камбек во 2022, освојувајќи Оскар за главна улога за филмот „Кит“. Тој потоа кажа дека е расположен да се врати во својата најпопуларна улога на авантуристот Рик О‘Конел.