КЕ ХУЈ КВАН И БРЕНДАН ФРЕЈЗЕР – АКТЕРИ ЗАБОРАВЕНИ ОД ХОЛИВУД СЕ ВРАТИЈА СО ОСКАР

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Едниот беше заборавен од Холивуд по две големи улоги како дете во 1980-ите, а другиот немаше снимено значаен филм повеќе од десет години, но Ке Хуј Кван и Брендан Фрејзер на голема врата се вратија во Холивуд и ноќеска се закитија со Оскар: првиот за најдобра споредна машка улога во „Сè секаде одеднаш“, вториот за најдобар актер во „Кит“.

Денес 51-годишниот Кван беше ѕвезда на „Индијана Џонс“ и „Гунизи“, но се откажа од глумата откако Холивуд се откажа од него.

Велат дека вакви приказни има само во филмови. Не ми се верува дека мене ми се случува ова“, кажа расплаканиот Кван, кој како бегалец заминал од Виетнам во Хонгконг, а оттаму дошол во САД.

По големите хитови во средина на 1980-ите, Кван престанал да добива улоги во Холивуд и почнал да работи зад камерите, но откако го гледал „Луди богати Азијци“, решил да си даде уште една шанса, иако се ближел кон 50. година. Така добил повик да го снима филмот кој денеска освои дури седум оскари.

Мајка ми има 84 години и го гледа ова дома. Мамо, тукушто освоив Оскар! Ти благодарам за жртвите што ги направи за да стигнам дотука. Моето патување почна на брод и по една година во бегалски камп, некако завршив овдека, на најголемата холивудска сцена“, кажа Кван.

Фрејзер, пак, беше ѕвезда на бројни комедии во 1990-ите, по што се испроба и во други жанрови, а потоа, како што призна, една деценија бил оставен во дивина. Неговата кариера замре кон крајот на 2000-ите. Се мачеше со повреди здобиени на снимањата и обвини важна холивудска личност за недолично сексуално однесување, признавајќи дека овој инцидент го направил поповлечен. Тешко го поднесол и фактот дека веќе не добива големи улоги и сега вели дека завршил со процесот на рехабилитација од овој тежок период.

(Фото: Твитер)