ИЗЛОЖБАТА „ПРИКАЗНА ЗА ЕДНА МУЗА“ НА МАРИЈА НИКОЛОВА СЕ ОТВОРА НА 14 НОЕМВРИ ВО МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Приказна за една муза”, самостојната изложба на сликарката Марија Николова, се отвора на 14 ноември (19:30 часот) во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Николова е дипломец на Факултетот за ликовна уметност во Скопје во класата на професорот Танас Луловски. Делата за изложбата се изработени во акрил на платно во временскиот период од 2020 до 2025 година.

Од галеријата велат дека „Приказна за една муза” е приказна за сонот и јавето, духовното и световното како дел од животот на уметникот кој лебди меѓу два света.

„Ова е лична приказна за една нежна уметничка душа која го чекори својот личен пат низ лавиринтот на животот. Приказна за една изгубена муза низ сивото секојдневие. Во исконската потрага за хармонија помеѓу емотивното и рационалното, уметницата се стреми кон создавање на алхемиска формула која би го споила неспоивото. Нејзините слики се танц на бои, апстрактни форми и експресии карактеристични по леснотијата и веселиот колорит. На публиката ѝ пренесуваат суптилна женска енергија, ведар дух и топлина. Оваа изложба е прослава на победата на детето во уметникот и божестениот дар на создавањето. Преку творештвото уметницата ги пронаоѓа својата изгубена муза, хармонијата во душата и внатрешниот мир“, велат организаторите.

Изложбата трае до 25 ноември.