На 63 години, Том Круз сѐ уште е една од најголемите холивудски ѕвезди и синоќа конечно му беше доделен Оскар. Тој беше меѓу годинашните добитници на почесен Оскар, заедно со сценографот Вин Томас, кореографката Деби Ален и легендата на кантри музиката Доли Партон, која не дојде на церемонијата во Лос Анџелес.
„Снимањето филмови не е она што го правам, туку она што сум. Во киното се смееме заедно, чувствуваме заедно, се надеваме заедно“, рече Круз.
Тој никогаш не добил Оскар во натпреварувачка категорија. Како актер беше номиниран за „Роден на 4 јули“ во 1990, „Џери Мегваер“ во 1997 и „Магнолија“ во 2000, а како продуцент за „Топ ган: Маверик“ во 2023.
Круз не снима ТВ-серии и е еден од најголемите заговорници на киното пред стримингот.
„Секогаш ќе правам сè што можам за да ја помогнам оваа уметничка форма. Да поддржам и да се залагам за нови гласови, да го заштитам она што го прави киното моќно. Се надевам без премногу скршени коски“, кажа Круз, кој е познат по тоа што самиот ги снима своите акциони сцени.
(Фото: АП)