Дваесет и четвртото издание на Фестивалот на европски филм Синедејс почнува на 3 декември и ќе трае до 10 декември. Мотото годинава е „Се гледаме на другата страна“. Ќе се прикажат над 60 филмови во осум програми, а ќе има и работилница „Маркетинг на филм“.
„Оваа година публиката не ја водиме на филмско патување, туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, на кого му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин, и покрај сé, е богат со најновите и најнаградувани филмови“ вели Маргарита Арсова, програмска координаторка на Синедејс.
Два филма се на почетокот на фестивалот: „Тоа беше само несреќа” (фото) во режија на Џафар Панахи, кој доби Златна палма на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуричиќ.
Селектор на програмата е Бернд Будер. На 4 и 5 декември, во клубот МКЦ, во рамките на СинеМјузик вечерите, ќе има специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од Лајвјуроп програмата. Влезот за концертите е бесплатен.
Фестивалот ќе се одвива во кино Фросина и Денсинг салата во МКЦ. Билетите ќе бидат по цена од 200 денари за сите филмови, а може да се купат онлајн на bileti.mkc.mk и на самиот влез на МКЦ.