Слаткаристика настапи како изненадување на четвртиот акустичен концерт на Калиопи, кој се одржа вчера (30 декември) во Филхармонијата.
Раперот се појави од публиката и со Калиопи ја испеа „Води ме“, нивниот нов дует кој се наоѓа на новиот албум на Марко Маринковиќ-Слаткаристика, „Одлични пет“. Музиката за „Води ме“ е на Слаткаристика и Лазар Цветкоски, кој е продуцент на песната. Слаткаристика го напиша текстот.
Калиопи во 2024 го промовираше новиот албум наречен „Албум“, а најголемо изненадување беше дуетот со Слаткар. Овој необичен спој со голем аплауз го подравија присутните на промоцијата на албумот, со кој Калиопи прослави 40 години соработка со продуцентот Ромео Грил. Хип-хоп музичарот рече дека му е голема чест што таа го поканила заедно да ја испеат песната „Казна“.

„Комуницирам со Калиопи 15 години, навистина ја ценам. Ова ми е, всушност, прв дует со наша пејачка во животот, генерално не сум снимал песни со наши пејачи. Влегов во студио, Калиопи и Ромео веќе ја имаа поставено песната, за две секунди го решив текстот. Влегов, снимав и готово. Калиопи ми рече: ‘Правам 40 години кариера, би сакала да си ми гостин’. Не сакав ниту да ја слушнам песната. Едноставно реков: ‘Јас имам 39 години, ти имаш повеќе од 40 години музички живот, музичка кариера’. Не можев да одбијам нешто што не се одбива“, ни рече Слаткар. Калиопи беше гостинка на неговиот концерт во салата „Борис Трајковски“ на 11 октомври, кој го одржа заедно со Тони Зен. Таа дојде како изненадување на крајот и го испеа хитот „Да полетам“.
Калиопи продаде четири концерти во Филхармонијата во организација на „Прагма“. Песната „Казна“ ја пееше во оригиналната соло верзија која требало да ја испее на Евровизија.
„Кога бев на Евровизија во 2016, јас сакав да ја пеам ‘Дона’, а Ромео сакаше да ја пеам оваа песна затоа што е поуметничка. Му реков: ‘Ромео, ајде еднаш нека биде по мое, остави ме да си го слушам срцето’. Тој ме послуша, но јас се покајав. Му реков дека оттогаш ќе биде по негово“, рече Калиопи за песната „Казна“.
М. ЏАРОВСКА