Раперот Марко Маринковиќ-Слаткаристика ќе биде гостин на концертот на Калиопи на 17 октомври во „Т арена“ во Скопје. Гостувањето го најави со видео на социјалните мрежи и со своја преработка на еден од најголемите хитови на Калиопи, „Обои ме“.
„Ќе бидам специјален гостин кај Калиопи на концерт, па морав да направам и специјална покана“, вели Слаткаристика.
Во новата верзија, Слаткар напиша нов текст кој го рапува, а Калиопи го пее рефренот. Таа претходно на прес-конференција најави дека ќе има специјален гостин на концертот, но не објави кој.
Калиопи и Слаткар веќе имаат две заеднички песни. Во 2024 го снимија дуетот „Казна“ за нејзиниот „Албум“, а во декември 2025 ја објавија „Води ме“, која се најде на миниалбумот на Слаткар, „Одлични (5)“.
Слаткар гостуваше и на концертот на Калиопи во арената „Борис Трајковски“ во 2024, а таа потоа беше специјална гостинка на неговиот концерт во истата сала, како и на концертот во Охрид на Илинден.