КРЕАТОРИТЕ НА „АДОЛЕСЦЕНЦИЈА“ ВЕЛАТ ДЕКА ПЛАНИРААТ ВТОРА СЕЗОНА

Лос Анџелес, (Дедлајн)

По освојувањето на четири златни глобуси, креаторите на серијата „Адолесценција“ Стивен Грем и Џек Торн навестија дека работат на продолжение.

Кога излезе на „Нетфликс“ лани, „Адолесценција“ беше претставена како минисерија, што значи дека треба да има само една сезона, но Грем сега вели дека размислуваат за уште една сезона.

„Засега не можам да потврдам какви се шансите да има втора сезона, зашто тоа е некаде во длабочините на мојот и на умот на Џек и ќе го извадиме за три-четири години“, кажа Грем, кој доби Златен глобус за најдобар актер во минисерија.

Серијата ги прикажува последиците од убиството на тинејџерка со нож, за што е уапсено 13-годишно момче од нејзиното училиште. Младиот осомничен Џејми го игра дебитантот Овен Купер, а Стивен Грем е неговиот татко. Купер и Ерин Доерти, која ја игра терапевтката Бриони Аристон, добија Златен глобус за најдобра споредна машка и женска улога во ТВ-серија.

„Адолесценција“ претходно освои осум награди Еми и стана културно-општествен феномен.